Министерот Перински во Карпош: Караванот „Каде што срцето е дома“ го истакна Карпош како пример за современа урбана општина

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, оствари работна средба со градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, и со членовите на Советот на општината, во рамки на караванот „Каде што срцето е дома“. Разговорите беа насочени кон клучните приоритети на општината, тековните инфраструктурни активности и можностите за користење на поддршката од Ресурсниот центар за развој на општините.

 

Перински нагласи дека Карпош е „пример за современа урбана општина со активна заедница, силни локални иницијативи и граѓани кои активно учествуваат во креирањето на локалните политики“.

 

Во текот на двата јавни повика, Општина Карпош доби значителни средства во вкупна вредност од 694.970.635 денари преку потпрограмата АА за инфраструктурни инвестиции во општините. Овие средства се наменети за финансирање на 24 проекти кои опфаќаат интервенции во локалната инфраструктура, изградба и реконструкција на спортски сали и градинки, со цел директно подобрување на квалитетот на живот за жителите.

 

Градоначалникот Лукровски ја поздрави иницијативата за информативно-координативната средба, оценувајќи ја како значајна можност за институционален дијалог. Според него, ваквите посети овозможуваат директна комуникација со избраните претставници за да се идентификуваат приоритетите и заеднички да се креираат одржливи решенија.

 

Министерството за локална самоуправа најави дека ќе продолжи со теренските активности, со цел непосредно следење на потребите на општините и обезбедување конкретна и навремена поддршка таму каде што е најпотребно.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.