Ученици од „Владо Тасевски“ со инклузивен перформанс го одбележаа 3 Декември

Основното училиште „Владо Тасевски“ од Општина Карпош го одбележа Меѓународниот ден на лицата со атипичен развој, 3 декември, со инклузивен уметничко-музички настан под слоганот „Заедно низ боја и тон“. Целта на едночасовниот перформанс беше промовирање на еднаквите можности, видливоста и активното учество на лицата со попреченост во општеството.

 

Иницијатор на настанот беше специјалниот едукатор Весна Филиповска, а во организацијата учествуваше тим од образовни асистенти и наставници.

 

На свеченоста присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, претседателот на Советот, Христо Саракинов, како и други претставници од локалната самоуправа. Учениците со типичен и атипичен развој, во придружба на возрасни уметници, се претставија со свои музички и ликовни дела.

 

Настанот го одбележа креативниот израз на талентираните ученици кои настапија заедно со гостите од „Леон Бенд“ од младинскиот центар „Крик“. Нивниот настап беше конкретен пример за тоа како уметноста, креативноста и заедништвото ја подигаат свеста за значењето на инклузијата, поттикнувајќи прифаќање и развивање на инклузивни вредности.

 

Организаторите му врачија благодарница на градоначалникот Лукровски за неговата поддршка и придонес во развојот на инклузивни практики во училиштето, како и уметничка слика изработена од креативните дечиња.

 

Градоначалникот Лукровски, видно воодушевен од перформансот, истакна: „Морам да ви признаам дека сум воодушевен од вашиот перформанс, од длабоките емоции, од љубовта и позитивната енергија која ни ја пренесовте. За овие моменти вреди да се биде на жешкото столче во Општината. Јас како градоначалник ви ветувам дека локалната самоуправа ќе биде секогаш тука, за да ја поддржи секоја ваша иницијатива.“





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.