Карпош ќе го користи Ресурсниот центар за развој на општините за унапредување на услугите

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, присуствуваше на промотивниот настан по повод претставувањето на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините. Оваа новоформирана установа ќе функционира во рамки на Министерството за локална самоуправа и е наменета да нуди стручна и техничка поддршка за унапредување на капацитетите на локалните самоуправи и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните.

 

Ресурсниот центар ќе обезбедува специјализирани услуги во повеќе клучни области, вклучувајќи административен менаџмент, планирање на локалниот стратешки развој, подготовка на техничка документација и капитално планирање, финансиско планирање и управување, техничка експертиза, јакнење на меѓуопштинската соработка, како и подготовка на проектни апликации и искористување на средства од меѓународни фондови.

 

Отворањето на Центарот е резултат на заедничка активност на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, преку продолжување и институционализација на осумгодишниот проект „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. На денешниот настан беа презентирани мисијата, целите и планираните активности на Центарот, како и улогата на партнерските институции во неговото функционирање.

 

Од Општина Карпош најавија дека активно ќе се вклучат во сите активности на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините, со цел посветено да работат на обезбедување на квалитетни услуги за своите граѓани.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.