Санација на уличното осветлување и активности за јавно чистење во Карпош
- Детали
- Категорија: Карпош
- Создадено: 19 Ноември 2025
Во рамки на тековните активности на Општина Карпош за подобрување на инфраструктурата и јавната хигиена, локалните служби изминатиот викенд работеа со зголемен интензитет на терен.
Првенствено, се фокусираа на санирање на дефекти во системот за улично осветлување и подобрување на чистотата во различни делови од општината.
Екипите на терен беа особено активни во реонот на населбата Карпош 4, каде беше целосно санирано осветлувањето околу кулите на улицата Никола Парапунов, во близина на мостот „Обединети нации“. Поред тоа, успешно беше отстранет дефектот со осветлувањето на првиот дел од улицата Волгоградска, а се интервенираше и на улиците Соле Стојчев и Желево. Стручните екипи го санираа осветлувањето и на третиот дел на улицата Волгоградска, а во исправна состојба беа доведени и светилките на улиците Невеска и Воденска.
Паралелно со овие активности, санирани беа и дефектите на електричната мрежа на осветлување во населбата Карпош 2, конкретно на улиците Шекспирова и Бранислав Нушиќ. Со истата динамика, продолжи и решавањето на проблемите со јавното осветлување на делови од улиците Руѓер Бошковиќ и Веселин Маслеша.
„Преземени се сите мерки за обновување на уличното осветлување, со цел да се обезбеди безбедност и подобри услови за сите наши жители. Се работи интензивно на санирање на сите дефекти во системот за осветлување и за одржување на јавната чистота, што е од големо значење за животната средина и квалитетот на животот во нашата општина,“ изјави градоначалникот на Општина Карпош.
Минатиот викенд, акцентот беше ставен и на подигнување на јавната чистота во општината. По иницијатива на жителите од населбата Жданец, беше спроведена заедничка еко-акција за расчистување на сметот и одржување на здравата животна околина. Во меѓувреме, општинските служби задолжени за одржување на хигиената исчистија поголем дел од пешачките патеки низ Карпош.
Овие активности претставуваат дел од континуираните напори на Општина Карпош за подобрување на животната средина и квалитетот на јавните услуги, а жителите активно учествуваат во креирањето на поубава и почистата околина за сите.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс












