Скопското Кале во фокус на плановите за негова културна реафирмација

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска оствари работна посета на локалитетот Скопско Кале, каде беше направен детален увид во состојбата и можностите за негово понатамошно отворање и активирање. Во посетата учествуваа и министерот за култура и туризам Зоран Љутков, проф. д-р Драги Митревски, како и претставник од Управата за заштита на културното наследство.

 

Целта на посетата беше согледување на реалните услови за внимателно и стручно приспособување на просторот, со што Скопското Кале би се ставило во активна културна функција, без нарушување на неговата историска и автентична вредност. Од Град Скопје беше истакната јасната заложба локалитетот да стане достапен за граѓаните, уметниците и посетителите.

 

Овој пристап, како што беше посочено, се темели на современи европски практики, каде значајни историски локалитети се интегрираат во културниот живот на градовите преку театарски, музички и уметнички содржини. Таквиот модел овозможува не само заштита, туку и активна интерпретација на културното наследство.

 

Реафирмацијата на Скопското Кале е дел од пошироката визија „Скопје – Европска престолнина на културата“, насочена кон долгорочна културна трансформација на градот. Надлежните нагласуваат дека станува збор за јавен интерес и обврска кон идните генерации, со цел создавање град кој го почитува своето минато, а истовремено гради современа културна иднина.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.