Општина Центар објави јавен конкурс за финансиска поддршка на проекти од сите области на културата за 2026 година, со цел дополнително унапредување и збогатување на културниот живот во општината.
Градоначалникот Горан Герасимовски истакна дека Центар е препознатлив по својата динамична и автентична културна сцена и ги повика уметниците, здруженијата и културните организации активно да се вклучат. Според него, конкурсот е можност за поддршка на креативни идеи што го оживуваат јавниот простор и носат нова енергија во заедницата.
Предност ќе имаат проекти што ја промовираат современата уметност, поттикнуваат вклученост на различни возрасни групи и овозможуваат афирмација на млади професионалци. Проектите може да се однесуваат на изведбени, музички и визуелни уметности, нови медиуми, издавачка и библиотечна дејност, како и активности поврзани со промоција на културното наследство.
Пријавите со потребната документација се доставуваат по пошта или лично во Општина Центар – Скопје, во Секторот за јавни дејности, Одделението за култура. Рокот за аплицирање е 10 дена од денот на објавувањето на конкурсот на официјалната веб-страница на Општината, каде што се достапни и дополнителни информации за јавниот повик.




















