Општина Центар со 15 милиони денари за поддршка на пензионерите во 2026 година

Градоначалникот Горан Герасимовски на средба со претставниците на Здружението на пензионери на Општина Центар ги презентираше клучните проекти и активности за претстојната година, насочени кон подобрување на квалитетот на животот на највозрасните граѓани. За оваа намена, во општинскиот Буџет за 2026 година се издвоени 15 милиони денари, со што локалната самоуправа ја потврдува својата заложба за континуирана грижа и активна социјализација на жителите од третото доба.

 

Планираната поддршка опфаќа широк спектар на услуги, вклучувајќи го веќе етаблираниот Сервис за стари лица и системот „Итно копче“, кој нуди 24-часовна медицинска помош. Покрај ова, општината ќе продолжи да обезбедува бесплатен превоз до здравствените установи, сезонски екскурзии и спортски игри, со цел поттикнување на виталноста и меѓусебното дружење. Како особено значаен беше истакнат и проектот „Носталгија за корзо“, кој ги негува спомените на старата скопска традиција.

 

Една од новостите во програмата е вклучувањето на пензионерите во образовниот процес преку соработка на предметот домаќинство, со што се овозможува пренос на знаења и вредности помеѓу генерациите. Паралелно со овие активности, Општина Центар предвидува и конкретна финансиска и социјална поддршка за оние пензионери кои се наоѓаат во зголемен социјален ризик, со цел да им се олесни секојдневието.

 

Од Здружението на пензионери изразија задоволство од досегашната соработка и потврдија дека активно ќе учествуваат во реализацијата на сите предвидени манифестации. Имајќи предвид дека околу 20 проценти од жителите на Центар се на возраст над 60 години, градоначалникот Герасимовски нагласи дека ваквите мерки се неопходни за креирање на заедница која го почитува искуството на постарите и инвестира во нивното достоинствено стареење.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.