ПАРИ И ЦЕНИ

Над 5.200 ученици и студенти биле сместени во домовите, новите цени до 6.600 денари – конкурсот трае до 31 јули

Во учебната 2025/2026 година во ученичките и студентските домови биле сместени 5.232 ученици и студенти, што е 7 отсто повеќе од претходната година. Во тек е конкурсот за ново сместување според новиот Закон за студентски стандард, кој трае до 31 јули.

Според последните статистички податоци, во учебната 2025/2026 година во земјава биле сместени вкупно 5.232 ученици и студенти, што претставува зголемување од 7 отсто во споредба со учебната 2024/2025 година.

Во истиот период функционирале 9 студентски и 19 домови за ученици во основното, средното и средното верско образование. Во домовите за ученици кои посетуваат средни верски училишта биле сместени 88 ученици.

Паралелно со овие податоци, во тек е конкурсот за ново сместување на студентите за претстојната учебна година, кој според новите правила е отворен до 31 јули.

Со новиот Закон за студентски стандард е воведена поделба на студентските домови на Тип 1 и Тип 2, со различни услови за плаќање и субвенционирање.

Студентите кои ќе бидат сместени во државен студентски дом од Тип 1, во кој спаѓа и реконструираниот „Стив Наумов“, ќе плаќаат 6.600 денари месечно.

Вкупната цена за сместување во овие домови е 11.000 денари, при што МОН субвенционира 40 отсто, односно 4.400 денари.

За студентите сместени во домовите од Тип 2, како и во приватните студентски домови со кои Министерството има склучено договор, месечниот износ што го плаќаат студентите е 3.410 денари.

Вкупната цена во овој случај е 6.820 денари, од кои МОН покрива 50 отсто.

Така, додека статистиката покажува раст на бројот на веќе сместените ученици и студенти во однос на претходната учебна година, актуелниот конкурс до 31 јули ќе го определи бројот на студентите кои ќе бидат сместени во домовите во новата учебна година според условите утврдени со новиот закон.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ НЕТ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на mtm.net@yahoo.com



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.НЕТ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM НЕТ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.